Во Танцовиот театар на Љубљана вечер премиерно ќе биде изведена соло-претставата „Орландина“ која кореографката Рисима Рисимкин ја подготви за Росана Хрибар – една од најдобрите словенечки современи танчарки.
– „Орландина“ е претстава посветена на Росана Хрибар и времето. Инспирирана од романот „Орландо“ на Вирџинија Вулф, интимна приказна на танчар раскажана преку видогледот на три силни жени од различни културни, политички и временски периоди: Вирџинија Вулф, Рисима Рисимкин и Росана Хрибар, изјави кореографката.
На словенечката современа танцова сцена Росана Хрибар е од 1970 години. Се школувала на Танцовата академија во Љубљана и во изминатите две декади соработувала како танчар и короеграф со речиси сите значајни словенечки кореографи, театарски режисери и различни современи танцови ансамбли во Словенија и во странство. Меѓу наградите што ги добила е и највисокото национално признание за врвни уметнички дострели – државната „Прешернова награда“ во 2015 година.
Короеграфката Рисимкин лично била поканета за соработка од Росана Хрибар, која минатата година ја видела нејзината кореографија „Котел“ со Скопје танцовиот театар и „Р:Е.М. – Низа од соништа“ со кинеската современа танцова компанија „Nine Dance Theater“ од Пекинг.
На претставата работи и композиторот Тони Китановски, кој направи нова, оригинална музика, како и костимографот со светска кариера Алан Хранитељ.