„Говор на почитување, наспроти говор на омраза“ е насловот на трибината што денеска напладне се одржа во прилепската Градска библиотека „Борка Талески“. Организатор на трибината е Младински совет Прилеп во соработка со Гешталт центар „Младен Костиќ“-Аспекти од Скопје, поддржани од швајцарската „Цивика Мобилитас“.
На трибината учествуваа околу 50 млади од прилепските училишта и според Андреј Габроски, проект-координатор на „Младински совет Прилеп“ целта е да се промовираат позитивните вредности на поединецот, толеранцијата, а не говорот на омраза многу присутен и на социјалните мрежи.
– Моментално работиме со прилепските средношколци и сакаме да ја зголемиме свеста за намалување на говорот на омраза меѓу младите, но и преку социјалните мрежи и да упатиме на говорот на толеранцијата и на почитувањето. За жал, ситуацијата не е на завидно ниво, забележлив е тој говор на омраза и затоа инсистираме да се промовираат позитивните вредности на поединецот, вели Габроски.
За Снежана Андреева, психотерапевт и претставник на Гешталт центарот „Младен Костиќ“-Аспекти од Скопје битно е постојано да се нагласува говорот на почитување, особено кај младите. Таа додаде дека Проектот го спроведуват две години, биле опфатени 12 градови, а трибини досега се одржани во Скопје, Тетово, Гостивар, Битола, Кичево, Кавадарци, во Куманово, Кочани Штип, Струмица.
– Ова е младинска кампања и нашето лого е „Сподели почит“. Искуството од трибините покажа дека младите сакаат да зборуваат за почитувањето, иако говорот на омраза е насекаде околу нас. Акцијата се прошири и освен работилниците во рамките на трибините во градовите, во училиштата учениците поставуваа „ѕид на почитување“, споделуваа пораки, делеа флаери, едноставно се вклучија активно во кампањата. Тоа се големите позитивни придобивки, вели Андреева.
По Прилеп, следува последната 12-та трибина во Струга, со која ќе се заокружи Кампањата.