Во пресрет на Денот на крводарителството, 17 Март, градоначалникот Илија Јованоски денеска на крводарителите од Прилеп им додели благодарници.
Од основната организација на „Црвен крст“ од Прилеп велат дека прилепчани се хумани и во секое време имале доволно количества крв за потребите на болницата и за барања од клиниките во Скопје.
– Постојано ги информираме граѓаните за доброволно дарување крв и задоволни сме од одзивот. Има голем одзив меѓу прилепските крводарители, им благодариме за тоа, посебно на овие крводарители што денеска добија благодарници, зашто меѓу нив има и со 100 крводарувања. Во соработка со Станицата за трансфузиологија одговараме на сите потреби на граѓаните и се надевам дека така ќе продолжиме, изјави Слободанка Стојкоска од прилепскиот Црвен крст.
Јован Илиоски од Прилеп е еден од карводарителите што доби благодарница, а лани во декември дарувал крв по јубилеен, стоти пат.
– Почнав да дарувам крв во 1987 година, во Градската болница во Прилеп. Првпат дарував крв заедно со мој роднина. На сите граѓани им порачував да даваат крв зашто со секое дарување се спасува човечки живот. Крвта никој не може да ја доплати, затоа треба да се биде хуман, нагласи Илиоски.
Меѓу крводарителите, со 60 пати дарувана крв е и д-р Благоја Ѓорѓиоски, специјалист во физикална медицина. Тој уверува дека освен хуман, дарувањето крв има и здравствен аспект, зашто се прочистува организмот и се создава свежа крв.
– Крводарителството го препорачувам секому. Хумано е, тоа нема сомнение, но е и здраво зашто организмот се прочистува и се подобрува здравјето на луѓето, вели Ѓорѓиоски.
И припадникот на безбедносните сили Сашо Игнатовски, кој има дарувано над 50 пати крв, им препорачува на своите сограѓани да бидат хумани и да спасат човечки живот.
Минатата година во Прилеп имало околу 2.700 крводарувања, што е приближно на планираните количества. Од Црвениот крст се надеваат дека годинава количествата на дарувана крв ќе се зголемат.