Градскиот сообраќај во Прилеп се одвива со намален интензитет, има прекин на линиите, зашто сите автобуси не се во исправна состојба, изјави раководителот на градскиот превоз Александар Јошески кој заедно со директорот на општинското јавно претпријатие за просторно и урбанистичко планирање Славе Петрески ги сумираше финансиските состојби во претпријатието и во градскиот превоз во Прилеп.
– Моментно возат 3 автобуси. Секој ден се соочуваме со прекин на линиите во градскиот превоз. Имаме проблем кога еден автобус функционира, друг се расипува. Потребна е обнова на возниот парк, зашто се потребни минумум 10 автобуси за нормално функционирање на градскиот превоз. Имаме три линии, а советот одобри уште две, без доволно автобуси не може да се одржува нормалното функционирање на градскиот превоз, вели Јошески.
Според Петрески, на располагање се 12 автобуси, од кои 3 работат за фирмата „Генерем“, 5 автобуси не се во возна состојба, а само 4 се во градскиот превоз, но никогаш сите не се на располагање.
– Не може да сфатиме како се набавени автобусите кои не се функционални. Од предходното раководство се купувале резервни делови по многу повисоки цени. За пример, се набавиле гуми за 17.200 денари, а реално чинат 13.500 денари. За замена на ладилниците се платени 9.000, а чинат 2.000 денари. Сега трошоците се намалени на минимум, сами ги одржуваме, но не знаеме до кога. Имаме на располагање 200.000 евра за купување нови, но не можеме, мора да бараме половни за да се одржува градскиот превоз функционално. Со градоначалникот Јованоски правиме напори зашто со овие автобуси нема можност да се одржи градскиот превоз во Прилеп, вели Петрески.
Како што нагласи Петрески, кога дошол на директорската функција во јавното претпријатие за урбанистичко планирање затекнал долгови. По завршна сметка, претпријатието има покажано загуба од 5 милиони денари за 2017 година, а обврските моментно се околу 10 милиони денари, зашто претпријатието должи 6 милиони денари на фирми.
– На општината и должиме 2.300.000 денари, а останатите 2.000.000 денари се кон помали доверители, објаснува Петрески.