Зголемување на економско-трговските релации помеѓу Македонија и Италија, можностите за нивно унапредување и искористување на потенцијалите за инвестирање беа темите на дискусија на денешниот настан на кој Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК) ја официјализира соработката со конфедерацијата на италијанската индустрија Конфиндустрија Македонија. Меморандумот за соработка го потпишаа претседателот на Македонската комора за посредување во промет со недвижности во ССК, Александар Милошевски и претседателот на Конфиндусрија Македонија, Марко Маркони. На настанот присуствуваше амбасадорот на Република Италија во Република Македонија, Карло Ромео, кој даде поддршка на иницијативата за дополнитело зацврстување на билатералните бизнис релации на компаниите од двете земји, а го истакна и значењето кое го има конфедерацијата на италијанската индустрија „Конфиндустрија“ во Македонија за унапредувањето на економските односи.
Милошевски потенцира дека водечката италијанска конфедерација, со својата силна мрежа заедно со Сојузот, ќе делуваат во зацврстување и воспоставнување нови деловните релации меѓу компаниите од двете земји.
„Во фокус на Меморандумот е зголемување на соработката меѓу компаниите на двете институции, размена на бизнис информации, организација на заеднички форуми, конференции и Б2Б средби, во насока на склучување нови партнерства и зајакнување на веќе постоечките, како и учество на проектни активности и искористување на достапните фондови од Европската Унија. Заеднички треба да работиме на намалување на разликите во трговската размена, токму преку поттикнување на компаниите за меѓусебна соработка како значајни аспекти кои ќе ги унапредат економските релации меѓу двете земји“, изјави Милошевски и додаде дека треба да се насочиме кон зголемување на трговската и инвестициска соработка.
Претседателот Маркони истакна дека Конфиндустрија има 160.000 членови од сите големини, со централно седиште во Рим. Конфиндустрија Македонија е основана со цел да биде адреса за сите италијански претприемачи коишто во Македонија бараат бизнис партнери, а овој дел од Балканот го сметаат за интересен за развој на своите бизнис активности. Тој нагласи дека постoи особен интерес за инфраструктурни проекти.
Според последните податоците на Државниот завод за статистика за месец јануари годинава, Италија е шести по големина трговски партнер на Република Македонија. Вкупната трговска размена во јануари 2018 изнесувала над 50 милиони американски долари, а во истиот период минатата година 33 милиони американски долари. Во истиот период, извозот е над 16 милиони американски долари, а увозот над 33 милиони американски долари.
На годишно ниво, вкупната трговска размена на Република Македонија со Република Италија од година во година се зголемува, така во 2017 изнесува 612,4 милиони американски долари, извозот изнесува 185,2 милиони американски долари, увозното салдо е 427,2 милиони американски долари.