Во прилепскиот Мермерен комбинат се делат отказни решенија, информираа на денешната средба со новинарите претставници на прилепскиот регионален синдикален совет.
Според Лазар Ангелески, претседател на регионалниот синдикален совет, наместо продолжување на преговорите за Колективниот договор, поделени се 19 решенија за отказ.
– Отказ добија работници во рудникот Сивец, кранисти и други профили и оние во фабриката за преработка на мермерни плочи. Работниците се со по 30-ина години работен стаж, со намалена работна способност, но си имаа свое работно место кое не е укинато, а сепак останаа на улица. Не држат образложенијата дека е време на рецесија и е намален обемот на работа. Напротив ова е профитабилна фирма, вели Ангелески.
Синдикатот оценува дека тоа е начин да се ослободи компанијата од работниците на неопределено време. Од основната синдикална организација сметаат дека тоа е мобинг, по штрајкот од пред два месеца кога бараа зголемување на платите што не беше прифатено од грчкиот менаџер.
Доколку работниците не бидат вратени на работа, основната синдикална организација се заканува со радикални мерки и блокирање на патиштата кон комбинатот.
Мермерниот комбинат го тужи гранковиот синдикат на ССМ за нанесени штети од 1,5 милиони денари за четирите дена штрајк. Комбинат со 400 вработени е во сопственост на холандско-англиски инвестициски фондови откако грчкиот сопственик ги продаде акциите на берза.