Вработени во АД „МЕПСО“ си поделиле регрес за годишен одмор за 2016 година, кој го надминува законскиот лимит, покажа анализата на државниот ревизор, кој изразува неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи. Од проверката на извештајот која ја направи „Макфакс“, произлегува дека надзорниот одбор, донел одлука за исплата на популарното К-15, но износот, бил исплатен спротивно на Законот за плата.
„Исплатен е регрес за годишен одмор од 22.256 денари, врз основа на одлука на Надзорниот одбор“, пишува во образложението.
Надоместокот за регрес за годишен одмор е утврден во висина од најмногу 60% од просечната месечна нето плата по работник во државата, за последните 3 месеци. Според ревизорите, таа сума би требало да изнесува 13.088 денари. „Вака утврденото право за регрес на годишен одмор предизвикува да бидат исплатени 5 милиони и 143 илјади денари над законското утврдено право“, напишале ревизорите во извештајот.
Тие притоа утврдиле дека биле исплатени средства за отпремина за заминување во пензија во износ од 5 просечни месечни нето плати, но утврдениот износ кој бил исплатен не бил во согласност со Законот за исплата на платите во државата. За оваа основа незаконски биле исплатени 723 илјади денари. Од МЕПСО на ревизорите им одговориле дека според нив, нема потреба овие забелешки да стојат во извештајот. Тие се повикале на одредби, според кои, исплатите кон вработените ги правдаат како законски.
Државната ревизија утврдила и дека за милион и 858 илјади денари, членови на Управниот одбор не приложиле докази за трошоци за репрезентација. Ревизорите детектирале и спорни моменти и во правењето на фасадата на МЕПСО. Констатирани се низа недостатоци и пропусти, нема анекс-договори за извршени дополнителни услуги, објектот не е осигуран, а според информациите од надзорот, за завршување на градежните работи, потребни се уште 27 милиони и 557 илјади денари. За 95 недвижни ствари АД МЕПСО не обезбедил имотни листови. Реализацијата на склучени договори со меѓународните кредитори не се извршувала во согласност со законските рокови, при што за ненавремено повлечените средства, била наплатена провизија од 693 илјади евра.
В. Маглешов