За пребрзо возење лани изречени 757 казни на подрачјето на СВР Велес

Од:

За пребрзо возење, лани се напишани 757 казни за возачи на подрачјето кое го покрива Секторот за внатрешни работи Велес. Оваа информација за МИА ја потврди Верољуб Додевски, портпаролот во Секторот. Тој појасни дека во оваа бројка влегуваат како мандатните, така и прекршочните казни кои биле изречени.

– Кај мандатните казни, управувачите на моторни возила имаат можност да платат педесет проценти од предвидената глоба во рок од осум дена од сторениот прекршок. Доколку не ја искористат таа можност, против нив се поведува прекршочна постапка и тогаш во целост ја плаќаат предвидената казна, нагласи Додевски.

Претседателот на Општинскиот Совет за безбедност на сообраќајот на патиштата од Кавадарци Миле Трајков вели за МИА дека во континуитет се залагаат за почитување на сообраќајните правила и прописи од сите учесници во сообраќајот и за подигнување на сообраќајната култура кај сите возрасти од населението.

– Знаеме дека пребрзото возење е една од причините за сообраќајки и смртност и повреди при тие сообраќајни несреќи. Време е конечно возачите да сфатат дека со пребзро возење атакуваат врз сопствениот, но и врз животите на останатите учесници во сообраќајот. Упатуваме апел да не се брза кога се вози, бидејќи желбата да се стигне некаде за неколку минути порано, може да чини колку еден или неколку животи, дециден е Трајков.

За таа цел, вели дека Општинскиот sовет презема повеќе мерки. Организира научни и стручни собири за работи од областа на безбедноста на патниот сообраќај, соработува со средствата за јавно информирање и слично.

Пред само неколку дена, МИА информираше дека жители од општини кои ги покрива Секторот за внатрешни работи Велес, реагираат поради тоа што, како што велат, “како куршуми летаат возејќи и до триста километри на час, иако дозволената брзина на патиштата од вардарскиот регион е многу помала, а дел од брзите возачи самите се снимаат со камери и потоа снимките ги поставуваат на интернет”.

Доктор Ратко Грков, во изјава за МИА тогаш апелираше до возачите да не возат пребрзо, за да не бидат потенцијални убијци на патиштата.

– Сум бил сведок на многу сообраќајни несреќи во изминатиот период, во кои според првичните сознанија од лице место, станувало збор за сообраќајки како последица на неприлагодување на брзината спрема условите на патот. Тие што ризикуваат при возењето, на коцка го ставаат не само сопствениот, туку и животите на другите учесници во сообраќајот, нагласи тој.

Од СВР Велес и тогаш а и сега, се категорични дека Министерството за внатрешни работи редовно презема мерки за безбедност на сите учесници во сообраќајот.

– Согласно Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, редовно се вршат контроли на сите локални, регионални и магистрални патишта и доколку биде забележан ваков случај, најостро ќе биде санкциониран. Безбедноста во сообраќајот е на прво место, нагласува портпаролот Додевски.

Би можело да ве интересира

Двајца велешани нападнале полицајци, насилниците завршиле во станица

Горан Наумовски

Измамема жена од Велес, останала без 600 евра

Велешанец проголтал дрога за да ја сокрие од полиција, па завршил во болница

Горан Наумовски

Во Велес утре Ден на жалост поради тројцата велешани кои настрадаа во сообраќајка

Маж и жена шверцувале дрога на релација Скопје-Велес

Горан Наумовски

Се загади воздухот во Велес од пожарите на планините Мукос и Бабуна

Предраг Петровиќ