Утре во Скопје во тридневна работна посета ќе пристигне Алексеи Мишин, најзначајно тренерско име во историјата на уметничкото лизгање.
Професор Мишин ќе реализира тридневна обука за тренери од Македонија и ќе им даде насоки за понатамошен развој на спортот.
Обуката ќе се реализира на лизгалиштето во СЦ „Борис Трајковски“ во наредните три дена (12, 13 и 14 март), а дел од неа ќе бидат и младите натпреварувачи во уметничко лизгање, членови на националниот тим.
Во текот на посетата Мишин ќе се сретне со директорот на Агенција за млади и спорт, Директорот на Спортскиот центар „Борис Трајковски“ и со претставник на Македонскиот Олимписки Комитет.
Мишин за прв пат е во Р Македонија, на покана и со поддршка на Федерацијата за лизгачки спортови на Македонија.