Општина Македонска Каменица ќе го зголеми бројот на стипендирани ученици и студенти, а ќе се зголеми и износот на стипендиите.
Како што истакна Васко Десподовски од Општина М. Каменица, претходните години стипендирале по 12 ученици и студенти со износ од 2.500 за ученици и 3.000 денари за студенти според предложените измени на Правилникот кои ќе бидат доставени до Советот. Предвидено е да се доделуваат 20 стипендии, а стипендиите ќе изнесуваат по три илјади денари.
– Предвидено е да се доделуваат шест стипендии за ученици во основно, осум за ученици во средно и шест за студенти. Ќе бидат стипендирани ученици од Македонска Каменица кои учат во ООУ „Св. Кирил и Методиј“ и тоа ученици од осмо и деветто одделение и СОУ „Миле Јаневски Џингар“ од втора, трета и четврта година кои оствариле просечен успех од 5.00, како и студенти ,започнувајќи од втора студиска година кои студираат на државните универзитети во Република Македонија, а оствариле просечен успех од 8.00, истакна Десподовски.
Тој потенцираше дека приоритетен критериум во рангирањето на учениците и студентите ќе биде нивниот успех во текот на образовниот процес, а останатите критериуми се однесуваат на освоените награди на државни и меѓународни натпревари и материјалните можности на учениците и студентите.
-Ова значи дека за стипендии ќе може да аплицираат сите ученици и студенти кои го исполнуваат првиот критериум, односно имаат остварено просечен успех од 5.00 за ученици и 8.00 за студенти, без разлика на вкупните смејни месечни приходи. Последниот критериум ќе се примени само доколку бројот на апликантите го надмине бројот на предвидени стипендии. Со овие нови измени, Општина Македонска Каменица дополнително ќе влијае врз мотивираноста на учениците и студентите за постигнување на подобри резултати во текот на образованието, а тоа секако ќе значи и унапредување на воспитно-образовниот процес, истакна Десподовски.
Стипендиите ќе се доделуваат за период од 10 месеци.