Веќе неколку дена во Велика Британија главна вест е случајот со труењето на поранешниот руски разузнавач Сергеј Скрипаљ и неговата ќерка Јулија.
Тие двајца вечерале во еден италијански ресторан во Салсбури пред нервниот гас со кој беа отруени да почне да делува.
Непознат маж ги сликал неколку пати, а фотографиите покажуваат дека Скрипаљ во Велика Британија живеел нормален живот.
Полицијата сега трага по непознат маж кој ги сликал таа вечер, надевајќи се дека тоа ќе им помогне во истрагата.
Истражувачите се оддалечуваат од теоријата дека отровот бил „испукан“ директно во Скрипаљ. Сега се смета дека отровот бил ставен во неговата храна или пијалок. Според одредени теории, се смета дека Јулија го донела отровот, не знаејќи за него. Таа на неговиот татко му донела подарок од Русија, а можно е нервниот агенс да бил ослободен кога го отвориле подарокот.
Британската министерка за внатрешни работи Амбер Рад денеска соопшти дека поранешниот руски разузнавач и неговата ќерка се наоѓаат во стабилна, но се уште критична состојба.
– Двајцата и понатаму се без свест, но во стабилна состојба, изјави министерката. Таа претходно откри дека британски полицаец, кој бил под дејство на нервниот агенс користен во нападот на Скрипаљ и неговата ќерка се подобро и дека може да комуницираат.
Градската управа на Вајтхол објави дека е составена листа на руски државјани кои можеби се вмешани во случајот и кои поради тоа би можеле да бидат протерани од земјата. Нервниот отров кој што е употребен е отровна хемикалија која сериозно го оштетува нервниот систем и ги гаси сите телесни функции.
Од Скотланд јард соопштија дека е откриено за која супстанца се работи, но дека таа информација се уште нема да ја објават.