Општина Василево поднесе апликација до Министерството за локална самоуправа за реконструкција на Домот на културата во Нова Маала и негова адаптација во спортска сала.
Првата фаза од реконструкцијата на овој објект, во која беа завршени градежните активности и промената на покривот е завршена минатата година. Во текот на оваа година реконструкцијата ќе биде комплетно завршена.
Овој проект е планиран со Програмата на општина Василево за 2018 година, а Советот на општината на својата последна седница донесе одлука за пренаменување на Домот на културата во спортска сала.
– Целта на овој проект е подобрување на условите за работа во основното училиште, овозможување на нормално одржување на наставата по спорт, а истовремено и создавање услови за организирање и одржување на спортски настани и манифестации од помасовен карактер како одговор на потребите и на останатите категории на граѓани од овој крај, изјави градоначалникот на општина Василево, Марјан Јанев.
Домот на културата во Нова Маала е веднаш до ООУ„Атанас Нивичански“ во кое покрај ученици од Нова Маала, настава посетуваат и ученици од соседните населени места Доброшинци, Чанаклија и Висока Маала.
Со комплетната реализација на овој проект Основното училиште „Атанас Нивичански“ ќе добие модерна спортска сала изградена во согласност со новите прописи и стандарди, овозможувајќи им на учениците од основното образование оптимални услови за одржување на наставата по спорт и физичка култура.
Потребниот буџет за целосно завршување на сите планирани активности изнесува околу 2,9 милиони денари.