Полека се стабилизира состојбата со поплавените ниви и домови во општина Јегуновце. Водата се повлекува во коритото на река Вардар, иако се уште можат да се видат последиците поплавите.
Водата полека се повлекува и од нивите во општина Јегуновце, се исцедува и враќа во коритото на реката Вардар. Состојбата се уште е лоша во Раотинце, село што беше најпогодено од последните поплави, каде нивите се уште се под вода. Од Општина Јегуновце очекуваат неделава состојбата со поплавените села да се стабилизира. Моментално нивото на Вардар е намалено за околу за 20 проценти.
Дарко Блажевски градоначалник на Општина Јегуновце, рече дека внимателно ја следат ситуацијата и се подготвени за евентуална интервенција, ако сепак дојде до покачување на нивото на Вардар.
– Вчера до раните утрински часови ја следевме ситуацијата. Утре општинската комисија ќе прави проценка на штета. Во контакт сме со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство за да се направи побрза проценка на штетите. Разговаравме и со премиерот Зоран Заев за да ни помогне за превенција и решавање на ситуацијата со поплавите и да се спречи ваквите состојби да се повторат, рече градоначалникот Блажевски.
Поради топењето на снегот и поројните дождови беа поплавени повеќе села од општина Јегуновце. Беше поплавена и површина околу горниот тек на реката Вардар во гостиварско Форино и во тетовска Стримница.
И Центарот за управување со кризи информира дека ситуацијата полека се нормализира, и оти нивото на водата во сите ризични места каде Вардар вчера се излеза се намалува.