Институционалната грижа не е добро решение, бидејќи штитениците се далеку од будното око на јавноста. Владата мора да обработи долгорочна стратегија за поддршка на семејствата кои сакаат да посвојат или згрижат дете, вели комесарот за човекови права на Советот на Европа, Нилс Муижниекс, во интервју за МИА во врсака со случајот со злоставувањето на 13-годишното девојче од Домот „25 Мај“.
– Институционалната грижа за деца, а особено за ромски деца, е лоша работа за човековите права. Кога луѓето се одвоени од општеството, тие се далеку од будното око на невладините организации, медиумите, општеството, секакви злоупотреби се случуваат. Ова е причината зошто секаде каде што одам велам дека децата не треба да бидат во државни центри, туку треба да живеат во семејна средина. Не треба да постојат домови за сирачиња, специјални центри за деца со хендикеп. Затоа што има долга историја на злоставувања во такви центри секаде во Европа, истакнува Муижниекс.
Вели дека не е запознаен конкретно со случајот од „25 Мај“, но смета дека генерално домовите за деца се опасни по нивниот понатамошен развој.
– Овие деца потоа се осудени на живот во кој се исклучени, маргинализирани од општеството, затоа што не го добиваат истото образование како другите, не ги учат истите работи, не ги стекнуваат истите животни способности, немаат интеракција со други деца, и не растат во семејна средина. Што е семејна средина? Згрижување во семејства или посвојување. Владата мора да одработи долгорочна стратегија да ги поддржи семејствата кои сакаат да згрижат или посвојат. Само така ќе ги заштитите луѓето. Тие се посебно кревки и подложни на злоставувања, вклучително и сексуалното злоставување. Не сум слушнал конкретно за овој случај, но не сум изненаден, и во други земји има случаи на злоставувања во домови и центри, вели за МИА комесарот за човекови права на Советот на Европа, Нилс Муижниекс.