Паднаа првите оставки на функционери по убиството на новинар во Словачка. Куциак и неговата пријателка Мартина Кушнирова беа пронајдени мртви во неделата во неговиот дом во Велка Мача, недалеку од Братислава. Двајца словачки високи претставници, блиски до премиерот Роберт Фицо, денеска поднесоа оставки, откако претходно тоа го направи и министерот за култура Марек Мадарич. Од функција се повлекоа главната државна советничка во владиниот Кабинет Марија Трошкова, поранешна манекенка, и секретарот на словачкиот Совет за безбедност, Вилијам Јасањ.
Во заедничкото соопштение Трошкова и Јасањ наведуваат дека се шокирани од убиството на словачкиот новинар Јан Куциак и неговата девојка Мартина Кушнирова, чии застрелани тела беа пронајдени во неделата во нивната куќа источно од Братислава. Владата понуди милион евра за информации што ќе помогнат за апсење на одговорните за убиството.
Организацијата за истражувачко новинарство ОЦЦРП (Проект за известување за организиран криминал и корупција) ја објави недовршената приказна на која работеше застреланиот новинар. На таквиот потег се одлучиле за да „оддадат почит на новинарот, разјаснување на фактите и намалување на опасноста за неговите колеги“. Во центарот на приказната е токму Трошкова, која основала фирма со Италијанец, кој живее во Словачка, за која постои сомневање дека е поврзана со мафијата „Ндрангета“, една од најмоќните криминални организации во светот.