Стрип центарот на Македонија-Велес објави конкурс за 16. Меѓународен салон за стрип – Велес 2018, на кој право да учествуваат имаат автори од цел свет, без разлика на полот и возраста.
Томе Трајков од СЦМ-Велес соопшти дека должината на стрипот треба да биде од една до шест табли на А4 формат (мин.300 дпи ако се праќа по електронски пат). Доколку стрипот е на една страна треба да биде со најмалку пет сликички, доколку е во боја препорачливо е да се прати преку пошта или да се достави лично.
– Темата на стрипот е слободна. Секој автор, било цртач, туш, колор, може да учествува со само еден стрип. Исклучок има за сценаристите каде се дозволува едно лице да направи сценарио за повеќе стрипови.
Учесниците во основно образование треба да се насочат кон своите училишта заради раширување на информацијата, организирано пријавување како и избор на тема за цртање. На еден стрип можат да работат повеќе автори, притоа да се напише кој што направил: сценарио, молив, туш…, појаснува Трајков.
Рокот за праќање на трудовите е до 20 август 2018 година, освен за ученици за кои рокот истекува на 25 мај. Адресата е: Стрип Центар на Македонија – Велес (за конкурсот) ул. „Васил Ѓоргов“ бр.78 1400 Велес или електронски: [email protected].
На 16. Меѓународен стрип салон кој ќе се одржи во средината на септември ќе бидат доделени традиционалните награди – прва награда „Златен стрип“, втора и трета награда, како и награда за најдобро сценарио, за најдобар млад стрип автор и специјални награди и дипломи.