Судењето за „Тортура“ одложено за 23-ти март

Од:

Денешното рочиште за случајот „Тортура“, кој се однесува за апсењето на Љубе Бошкоски е одложено бидејќи нема правосилен обвинителен акт за ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков. Предметот по жалба на СЈО е во Апелациониот суд.

На судењето пристигна Љубе Бошкоски и шестмината алфи: командантот Ивица Антевски – Пуки, Новица Станковски, Јован Боцевски, Петар Милошевски, Филип Атанасов и Метуш Шабани, додека Сашо Мијалков не се појави.

Според обвинението, на 6 јуни 2011 година, ден по изборите, Сашо Мијалков како директор на УБК, поради дискриминација по основа на поинаква политичка определба, ги навел обвинетите „алфи“ при лишувањето од слобода на Љубе Бошкоски да предизвикаат кај него душевно страдање. Во времето на апсењето меѓу 14.30 до 16.00 часот на паркингот пред ресторанот „Воденица“, без да постои каков било отпор од Љубе Бошкоски, употребиле прекумерна сила и закана и спротивно на уредбата за употреба на средства на присилба и огнено оружје ги пречекориле законските овластувања за употреба на средства за присилба.

десно: Ивица Антевски-Пуки

Командантот Ивица Антевски – Пуки издал наредба кон другите обвинети полициски службеници со зборовите: „Легнете ги долу, долу, долу да се апсат на земја, на земја да се апси!“, „Легни го долу, легни го долу!“, по што „алфите“ со употреба на прекумерна физичка сила насилно го легнале на земја удирајќи го Бошкоски по нозете и држејќи го за рацете, го малтретирале, застрашувале и го навредувале со зборовите: „Шефот ми рече, шефот ми рече, осум години затвор не ти бегаат“, „Нека лежи ѓубрето!“, „Ајде сега нека лае против шефот“, „Пичка ти материна!“, „Предавник!“, „Ти дојде моментот!“, „Дојде моментот да се реванширам!“, „Да ти ја ебам жената!“ и други вулгарни зборови и пцости кон неговата мајка, сопругата и децата.

Обвинетиот полициски службеник Новица Станковски, според обвинителниот акт, на Бошкоски му го ставил и пиштолот на левиот образ упатувајќи му ги зборовите: „Бел ден да не видиш“. „Алфите“ потоа го ставиле пред полски тоалет со лицето кон вратата на тоалетот и во таква положба непотребно го држеле повеќе од половина час за да биде снимен од медиумите што претходно биле известени за настанот и за кои снимки, како и други снимки, обвинетиот Сашо Мијалков влијаел кај медиумите да бидат често емитувани на ударните вести.

Жалбата до Апелација стигнала дури на почетокот на месецов. Следно рочиште за „Тортура” е закажано за 23 март.

В.Маглешов

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Хрватска го отфрли обвинението против Љубе Бошкоски за „Раштански Лозја“: Заврши мојот политички прогон од две децении

Маја Илиевска-Пачемска

Вработени во МВР кои прибирале докази за Бошкоски, не знаат кој дал наредба за неговото апсење

Ана Ололовска

Правобранителот не постапил за апсењето на Бошкоски поради судската одлука дека не била употребена прекумерна сила

Ана Ололовска

Чавков: Не се сеќавам дали знаев за апсењето на Љубе

Ана Ололовска

Љубе беше депресивен и разочаран, сведочеше затворскиот психијатар

Ана Ололовска

Стојков за апсењето на Љубе: Не се сеќавам што сум кажал во СЈО, сведочев од 1 до 8

Ана Ололовска