Јапонските научници објавија дека направиле лек против грип, од кој доволна е само една доза за да го убие вирусот во еден ден.
Компанијата „Шионоги“ тврди дека лекот „балоксавир марбоксил“ делува посилно и подобро од сите познати лекови против грип. Според нив една доза е доволна за ефикасно да ве излечи во еден ден.
Во третата фаза од клиничкото истражување, кое е спроведено минатата година, кај пациентите вирусот исчезнувал во рок од 24 часа.
Испитаниците во истражувањето покрај „балоксавир марбоксил“ користеле и „тамифлу“, а дел биле на пласибо. Пациентите кои биле на пласибо од грипот се спасувале за 96 часа, додека тие на „тамифлу“ од вирусот се ослободувале за 72.
„Тамифлу“ го скратува природниот тек на болеста за еден ден, ако се земе во првите 48 часа. Предноста на „балоксавир марбоксил“ пред „тамифлу“ е што е потребна само една доза, за разлика од 10 кои се за другиот лек.
За сузбивање на сите симптоми на болеста, сепак потребно е еднакво време, без разлика кој лек се користи.
Според „Шионоги“ брзината на делувањето на новиот лек може да биде клучна за спречување на ширење на заразата.
Лекот „балоксавир марбоксил“ неодамна доби зелено светло за пуштање на пазарот во Јапонија, а во останатите делови од светот се очекува да пристигне од идната година.
Сезонскиот грип годишно убива 650 илјади луѓе, а пазарот со лекови за грип во 2016 година изнесуваше 600 милиони долари.