Дете на возраст од две и пол години синоќа починало на Детската клиника во Скопје, каде што било сместено повеќе од еден месец борејќи се со неколку посериозни заболувања. Во текот на вчерашниот ден неговата состојба нагло се влошила и било префрлено на одделот за интензивна нега и терапија, но сите обиди за реанимација останале без успех.
– Пациентот Ј.Ц. , роден 2015 година, е примен на Клиниката на 7 јануари во тешка состојба, со покачена телесна температура и наод што одговара на акутна бронхопневмонија. Пациентот е хоспитализиран на одделот за пулмологија, од каде што во неколку наврати, поради влошување на состојбата, бил лекуван и на одделот за интензивна нега и терапија. Лабораториски за време на престојот е докажана инфлуенца Б – соопштија од Клиниката за детски болести.
Детето имало Даунов синдром, кај кое по раѓањето е дијагностицирана хипотиреоза и Вестов синдром – тешко невролошко нарушување кое предизвикува епилептични напади поради кои пациентот прима редовна антиепилептична терапија. Во текот на минатата година Ј.Ц. во неколку наврати бил лекуван на Клиниката за детски болести од пролонгирана и комплицирана пневмонија.