Денеска на маргините на Минхенската безбедносна конференција заменик претседателот на Владата и министерка за одбрана на Република Македонија, Радмила Шекеринска и министерот за надворешни работи, Никола Димитров, се сретнаа со евро-комесарот за соседска политика и проширување, Јоханес Хан.
Министерката Шекеринска истакна дека Македонија е силно посветена на решавање на проблемите и предизвиците кои се на патот на членството во ЕУ и НАТО-Алијансата. Шекеринска истакна дека Планот 3-6-9 се реализира со силно темпо и дека Македонија и Владата покажаа дека имаат еден нов пристап во политиката кон соседите.
На средбата комесарот Хан ги поздрави реформските напори на Владата на Република Македонија и изрази подготвеност Европската Унија да ја продолжи поддршката за Република Македонија во реализација на зацртаните реформи.
Денеска во Минхен, министерката се сретна и со канадскиот министер за национална одбрана, Харџит Саџан кој даде целосна поддршка за интеграцијата на Македонија во НАТО, како и за реформските политики на Владата на Република Македонија. Саџан изрази благодарност за придонесот на Армијата на Република Македонија во мировната мисија „Одлучна поддршка“ во Авганистан.
Министерката Шекеринска оствари средба и со црногорскиот министер за одбрана Предраг Бошковиќ, на која беше истакната одличната билатерална соработка помеѓу двете земји во областа на одбраната, како и силната црногорска поддршка за членство на Македонија во Алијансата.
Во текот на утрешниот ден, министерката Шекеринска освен учеството на Минхенската конференција, ќе се сретне со бугарскиот министер за одбрана Красимир Каракачанов и со заменичката на генералниот секретар на НАТО, Роуз Готемолер.