Денес во просториите на Општина Кисела Вода градоначалникот Филип Темелковски оствари средба со претседателот на Атлантскиот клуб во Бугарија и поранешен бугарски министер и шеф на дипломатијата, д-р Соломон Паси. На средбата се дискутираше околу можностите за соработка преку реализација на проекти, пред се’, на локално ниво кои ќе го подобрат животот на граѓаните, а на Македонија ќе и овозможат политички и економски развој.
-Во услови кога Македонија е силно ориентирана кон својот евроатлантски пат, и повеќе од добредојдена е можноста да се споделат искуства со политичар како што е д-р Соломон Паси, поранешен шеф на бугарската дипломатија во чие време Бугарија стана членка на НАТО, кој воедно е и претседател на Атлантскиот клуб. Како општина, нашите можности се да дејствуваме локално, да реализираме европски проекти кои досега веќе дале резултати во државите кои се земји членки на Унијата во насока на подобрување на животот на граѓаните. На тој начин, преку имплементација на вакви мерки, секоја локална самоуправа дава свој придонес во целокупното унапредување на нашата земја, на нејзината европска и евроатлантска интеграција- истакна градоначалникот Филип Темелковски
Претседателот на Атлантскиот клуб во Бугарија , Соломан Паси истакна дека вчера имал средба со премиерот Зоран Заев на која, како што рече, ја поздравил насоката на надворешно политичкиот развој на земјата која ја избрал и за неговото лидерство. При тоа, порача дека Македонија ја има поддршката од Софија и оти треба да го искористи бугарското претеседавање со ЕУ.
– Бугарија во моментот е претседавач со Европската унија и сакаме да го искористиме бугарското претседателство со Унијата за максимално забрзување на приемот на Македонија во западните структури – НАТО и ЕУ. Ние сме целосно на ваше располагање. Се радувам што мојата посета овде се случи спроти посетата на претседателот на Бугарија, Румен Радев. Се надевам дека на крајот Македонија ќе ги почувствува плодовите од бугарското претседателство, рече Паси.
Во своето излагање, тој презентираше и неколку проекти кои може да овозможат соработка меѓу Македонија и Бугарија.
-Сакам да ги споделам проектите, еден поддржан од НАТО за заштита на војници и население наречен геотоксичен детектор, а вториот се однесува на дигитални општини, што треба да овозможи соработка меѓу општините од Македонија и Бугарија. Истите се издвоени како приоритетни од страна на Европската Унија- истакна Паси.
Градоначалникот Филип Темелковски од свое име и од име на сите жители на Општина Кисела Вода му се заблагодари за поддршката на д-р Соломон Паси и на неговата земја, Бугарија, со надеж дека ваквите средби ќе овозможат нови проекти за подобрување на економската, културната и образовната соработка, од што бенефит ќе имаат сите жители на Општина Кисела Вода.