Програмскиот совет на Македонската радио-телевизија на одржаната седница за нов извршен директор повторно го избра Марјан Цветковски, а за негов заменик Харун Ибраими.
На Цветковски мандатот му истекуваше во март годинава, но пред да се случи тоа програмскиот совет повторно го избра за директор. Цветковски не се прослави како директор на јавниот сервис, со оглед дека спроведуваше цензура, и не го направи достапен за сите граѓани.
Македонската радио-телевизија не ги емитуваше бомбите иако лидерот на „Достоинство“, Стојанче Ангелов, тогаш им достави цедеа со овие записи. Тогашниот директор на МРТ, Марјан Цветковски, изјави дека уредувачката политика на телевизијата не може да се управува според барањата на седумдесетина граѓани кои, како што рече, имаат свои цели. На новинарско прашање за содржината на 24-та бомба во која се слуша како врвот на ВМРО-ДПМНЕ решава кој ќе се вработи во МРТ, Цветковски тврдеше дека функционери од таа партија од него никогаш не побарале прилог по нарачка.
Додека се случуваше хаосот на 27 април во Собранието, МРТ на програмата емитуваше ракомет. Селективно беа одбирани гости во емисиите и вестите, а МРТ беше и се уште е на врвот приоритети за спроведување реформи.
Актуелното раководство на МРТВ пред Нова година објави и интерен оглас за одговорен уредник на првиот програмски сервис, на местото на Диме Ратајковски, кој самиот поднесе оставка.
Според конкурсот, кандидатите покрај другото, треба да поднесат програма за работа на МРТ за три години и да имаат над пет години работно искуство во комуникологијата, новинарството, електронските комуникации, информатиката, културата, економијата или правото. Мандатот на новиот директор и заменик-директор на МРТ трае три години со можност за реизбор.
В. М.