Од 5 работни дена, експремиерот и актуелен пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, само в четврток нема да се појави во судот. Денеска, утре и в петок, Груевски е на судски рочишта за набавката на екстралуксузниот мерцедес, во предметот на СЈО познат како „Тенк“. В среда е закажано рочиште за случајот „Траекторија“ за кинеските провизии за автопатиштата. Покрај тоа, Груевски в петок треба да се пријави и кај шалтерски службеник, како редовна мерка на претпазливост.
Предметот „Тенк“ го води судијката Добрила Кацарска. Таа на минатото рочиште го прифати барањето на адвокатот на Ѓоко Поповски, Богољуб Софрониевски, и го одложи рочиштето, бидејќи адвокатот немал доволно време за подготовка.
Во предметот „Траекторија“, кој го суди судијата Горан Бошевски, одбраната го оспори вештачењето на СЈО, а ги побараа и 315 аудио-снимки и транскриптите како доказ. Обвинителката Лиле Стефанова побара од судот да ги ваквите приговори. Таа нагласи дека предметот е во фаза на главна расправа и сите наводи за вештачењата веќе биле предмет на разгледување од советот за оценка на обвинението, а во врска со бомбите, таа повтори дека сите обвинети во секое време може да ги чујат, а тоа имале можност да го направат уште додека предметот бил во фаза на истрага.
В. М.