Крејтон: Ако Македонија сработи добро, ЕУ треба позитивно да одговори на нејзините очекувања

Од:

Европската комисија има мандат да го анализира напредокот на Македонија и ако земјата го направи она што се бара од неа и добро сработи, членките на ЕУ ќе треба позитивно да одговорат на нејзините очекувања, изјави Лусинда Крејтон, министерка за европски прашања на Ирска, актуелниот претседавач со Унијата.

Министерката Крејтон, како што пренесува Дојче веле, вчера попладне во Берлин беше гостин на фондацијата „Конрад Аденауер“ и говореше за приоритетите на ирското претседателство.

Околу проширувањето и шансите на Македонија во текот на ирското претседавање да го добие очекуваниот датум за почеток на пристапните преговори, Крејтон подвлече дека прашањата околу проширувањата до скоро главно се решаваа во мандатите на земјите кои претседаваат во втората половина од годината. Промени, меѓутоа, се случиле пред две години, а и лани, кога на декемврискиот самит Европскиот совет не донесе конкретни заклучоци за отварање на пристапните преговори со Македонија и Србија или доделување на нов статус во доближувањето кон ЕУ на другите аспиранти, туку процесот го помести за напролет.

– Сега Европската комисија го има мандатот да се наврати на овие земји, да го анализира напредокот што ќе биде направен, со што е дадена можност тие да покажат што постигнале. До крајот на март, односно почетокот на април ќе имаме појасна слика за постигнатиот напредок во Македонија, Србија, Косово и Албанија. Станува збор за комплексни прашања и топката сега е на теренот на земјите кандидати – тие да ја покажат подготвеноста, да го направат она што од нив се бара и доколку добро сработиле, ние, земјите членки на ЕУ, ќе треба позитивно да одговориме на нивните очекувања, подвлече Лусинда Крејтон.

Таа го подвлече ентузијазмот за проширувањето и како добар старт го оквалификува состанокот со кандидатите и аспирантите за ЕУ наредниот викенд во Даблин.

– Ирска со голем ентузијазам го поддржува проширувањето на Унијата. Јас лично во изминативе 12 месеци, подготвувајќи го ирското претседателство, вложив многу време за овој процес. Ги посетив земјите кандидати и аспиранти од Западниот Балкан. Идниот викенд, во недела, во Даблин на неформална средба на која ќе учествува и еврокомесарот за проширување Штефан Филе се поканети претставници на земјите кандидати и аспиранти за членство. Очекувам дека заедничката средба ќе биде добар старт на ирското претседателство. Не можам со сигурност да кажам како ќе се одвива процесот на проширувањето во наредниве месеци, но убедена сум дека можностите се големи, изјави Лусинда Крејтон.

Проширувањето на Унијата има посебно место во приритетите на ирското претседателство. Ова го подвлече министерката Крејтон, но и ирскиот амбасадор во Германија Ден Мјуал минатата недела при претставувањето на приоритетите во претставништвото на ЕУ во Берлин.

Токму на примерот на Ирска се покажува колку може Европската унија позитивно да влијае врз развојот на една нејзина членка. Ирска беше првата држава која во 1973 и‘ се приклучи на тогашната Европска заедница при нејзиното прво проширување кое годинава бележи четиридецениски јубилеј. Тогаш Република Ирска имала само 40 проценти од бруто домашниот производ на останатите членки. Во периодот до финансиската криза (од пред неколку години) Ирска економски се израмнила со останатите. Од друга страна, во текот на последното ирско претседателство во 2004 се случи и најголемото проширување на ЕУ со десет нови членки (1 мај 2004). Министерката Креитон вели дека Република Ирска е мала и не многу богата земја, но четирите децении во Унијата покажале колку е важно членството и каков напредок на земјата и‘ донеле соработката и солидарноста на останатите членки на европското семејство. Токму поради тоа во наредниве шест месеци внимание ќе се посвети и на проширувањето, иако највисоко на ирската агенда остануваат економскиот пораст, елиминирањето на должничката криза и отворањето нови работни места, приоритети кои треба да бидат вистинскиот лек за болната економија на Унијата.

Би можело да ве интересира

Акцијата „Моби Дик“ една од најголемите во ЕУ – даночно затајување од 520 милиони евра

А1он

Глобална трговска војна, Британија избира помеѓу САД или ЕУ

Косачов: Европската Унија нема да опстане без Русија и БРИКС

Блумберг: Лидерите на ЕУ го повикаа Бајден да ја зголеми помошта за Украина пред доаѓањето на Трамп

Вучиќ: ЕУ треба да ја промени стратегијата кон Западен Балкан, но и кон Србија

Рама: Извештајот за напредокот на Албанија за 2024 година најпозитивен до сега

А1он