По вчерашната прес-конференција на граѓанското здружение „Совест“ во Охрид, кое бара да се стопираат градежните активности за реконструкција на објектот Али-пашина џамија во центарот на градот и нивните аргументи дека интервенциите врз овој културно-историски споменик се извршуваат бесправно, свој став изнесе и Министерството за култура.
Од Здружението тврдат дека поседуваат документација што ја потврдува незаконистоста, а од Министерството за култура, пак, велат дека работната група составена од експерти што го разгледувала случајот не констатирала никакви неправилности. Сепак, крајниот збор ќе го каже УНЕСКО под чија заштита е севкупното културно историско наследство на Охрид.
Во изјавата на Петрит Сарачини од министерството за култура се потенцира дека „слободата на вероисповед е загарантирана со Уставот, а дека заштитата на културното наследство, вклучувајќи ги историските верски објекти без оглед на религијата на која“ припаѓаат, е врвен приоритет на Министерството“.
За обновата на Али-пашината џамија во правец да се врати нејзиниот првобитен изглед, освен реконструкција е предвидена и надградба на минарето за речиси шест пати во висина од сегашната димензија.
Здружението „Совест“ инсистира на средба со надлежните од Министерството за култура на која ќе ги изложи своите документи и аргументи и потенцира дека тие не се мотивирани од никаква етничка или религиозна причина. Се повикуваат на член 5. 6 од Законот за заштита на културното наследство со кој се предвидува дека при заштита на некој објект од културно-историско наследство се зема предвид вкупната површина на објектот.
Токму околу вкупната површина, односно севкупните артефакти што се наоѓаат околу и под Али-пашината џамија спорат од „Совест“. Се отвора прашањето дали заштитата на културното наследство ќе биде подеднаква за целото споменично богатство што се наоѓа на оваа локација.
Инаку, вчера од Министерството соопштија дека: „Работната група дојде до заклучок дека министерот за култура, Роберт Алаѓозовски, нема основа да ги запре работите, но ги охрабруваме сите надлежни институции да постапуваат доколку имаат индиции за прекршување на законските процедури. Работната група препорача, а Министерството ќе достави барање до УНЕСКО за стручно мислење – дали е во склад со стандардите за заштита на градот да се реконструира објектот во такви димензии“.
(А.В)