Министерката за образование и наука Рената Дескоска денеска се сретна со комесарот за човекови права на Советот на Европа, г. Нилс Мужниекс, се наведува во соопштение на МОН.
На средбата биле дискутирани клучните предизвици во образованието 2018-2025, во поглед на почитување на човековите права, но и во однос на почитување на различностите или подобрување на меѓуетничката интеграција во предучилишното, основното и средното образование.
Министерката Дескоска по средбата изјави дека Стратегијата за образованието предвидува соодветни решенија за инклузија на лицата со посебни образовни потреби, во смисла на обезбедување физички услови за вклучување на учениците со физичка попреченост, кои во моментот се исклучително ограничувачки, но, и формирање на инклузивни тимови во училиштата, унапредување на капацитетите и екипирање на стручната служба со педагози, психолози и специјални едукатори.