Роберто Гарсија Парондо од следната сезона ќе биде нов тренер на Вардар, како наследник Раул Гонзалес, објави клубот на својата интернет страница.
Парондо доаѓа од женската екипа на Вардар каде е помошник тренер и во следните две сезони ќе го предводи машкиот европскиот првак од клупата. Шпанецот исто така е и актуелен помошник во машката сениорска репрезентација на Македонија и беше дел од стручниот штаб на последното ЕП во Хрватска.
Претходно тој помагаше и во подготовката на машката младинска репрезентација на настапот на СП во Алжир каде стигнавме до Топ-8.
Во моментов заедно со Ирина Дибирова седат на клупата на женската екипа на Вардар и се единствен тим во лигата на шампионите што е без пораз сезонава во елитното европско натпреварување.
Со назначувањето на Парондо за тренер продолжува низата од шпански стратези на клупата на „црвено-црните”.
„Вардар веќе го чувствувам како свој дом, тука сум речиси една сезона и условите што ни ги дава клубот ми даваат за право да се надевам за успешна соработка. Сега сум целосно посветен кон обврските во женската екипа на Вардар и сакам со успех да ја завршиме сезоната пред да ја преземам машката екипа. И покрај ангажманот во женскиот тим доста сум запознаен и со работата на машкиот тим, и затоа очекувам брзо да се вклопат во таа приказна, и исто така и екипата да ме прифати мене и мојот начин на работа. Високите резултати секогаш ќе бидат наш приоритет, за клубот да остане онаму каде што е“, изјавил за клупскиот сајт 38-годишниот Парондо.
Тој е поранешен ракометар на Валјадолид, Адемар Леон, Сиудад Реал, а има настапувано и за ПИК Сегед и Будакалаш, два тима од Унгарија. Со Адемар Леон го освои КПК во 2005, со ПИК Сегед го освои ЕХФ купот, а со Атлетико Мадрид го освои Супер Глоуб во 2012 година.
За репрезентацијата на Шпанија настапуваше на Медитеранските Игри во 2005 година (злато) и на СП во 2007 (7 место). Последен настап за репрезентацијата на големо натпреварување имаше на ЕП 2012 година во Србија каде Шпанците беа четвртопласирани.