Миле Јанакиески смета дека е важно што ексуправител на фирмата за вештачење во случајот „Траекторија“ бил функционер на СДСМ, рече адвокатот Дончо Наков. Тој, заедно со уште седум адвокати, кои ги бранат експремиерот Никола Груевски, ексминистерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, поранешниот вицепремиер за економски прашања, Владимир Пешевски, и поранешниот директор на Агенцијата за државни патишта, Љупчо Георгиевски, денеска од судот побара да се издвојат вештачењата на специјалното јавно обвинителство во случајот „Траекторија“.
Според Наков, вештачењата ги вршела подружница на странско правно лице, чиј ексуправител бил функционер на СДСМ. „За мојот клиент Миле Јанакиески, тоа е многу важно“, рече тој. Адвокатот рече дека барал од министерот за правда писмен документ за тоа кој може да биде вештак, како и вештачење од Бирото за судски вештачења, но сè уште не добил одговор.
„Само таа установа може да врши вештачења од ваков вид“, рече адвокатот и додаде дека на вештаците Страхил Глигороски и Небојша Арсовски, ангажирани за „Траекторија“, им биле истечени лиценците.
Адвокатите на денешното рочиште побараа од СЈО да им ги достави сите бомби, како што рекоа, за да бидат рамноправна страна во судењето. Не сакаат транскрипти, туку само снимките.
Обвинетите во „Траекторија“ се товарат дека во втората половина на 2012 година и во текот на 2013 година презеле повеќе дејствја со кои во постапката за избор на компанија за изградба на автопатите Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид ги искористиле и ги пречекориле своите овластувања. Со тоа, според СЈО, му нанеле штета на државниот буџет од најмалку 155 милиони евра.
В. М.