Бугарскиот премиер Бојко Борисов на Светскиот економски форум во Давос порача дека Европската Унија треба да ја исправи неправдата кон Западен Балкан. Тој нагласи дека меѓународната заедница треба да го поддржи развојот на земјите од тој регион.
Потсетувајќи на војните, катастрофите и превирањата низ кои помина Европа, Борисов посочи дека последиците од судирите во дваесеттите години на Западниот Балкан и натаму се присутни.
„Постои неправда која Европа треба да ја исправи – Западен Балкан. Тие земји даваат сè од себе за да ги исполнат барањата кои им се поставени пред нив, а ние, како нивни соседи, партнери, земји на ЕУ, исто така би требало да направиме што е потребно за да се напредува во нивната интеграција“, изјави Борисов.
Бугарскиот премиер повтори дека сега, кога балканските земји се подготвуваат за членство во НАТО и ЕУ, најдобро време е да се поддржи развојот на нивните сообраќајни, комуникациски, енергетски и еколошки инфраструктури, што ќе биде од најголема корист на цела Европа.