Компанијата „Кингстон“, еден од трите најголеми производители на мемориски производи во светот, најави дека во следните неколку седмици во продавниците ќе се појави мемориски стик (УСБ) со капацитет од еден терабајт. Брзината на „читање“ ќе изнесува дури до 240 мегабити во секунда.
Новиот стик DataTraveler HyperX Predator, кој е претставен на Саемот за потрошувачка електроника во Лас Вегас, ќе чини повеќе отколку десктоп компјутер и ќе биде во стандардот УСБ 3.0.
Надворешно, слично како неговиот претходник од 512 гигабајти, станува збор за метално куќиште од цинкова легура, со димензии 72 милиметри должина и 27 милиметри широчина.
– Нашиот нов УСБ им овозможува на корисниците да чуваат цел еден свет на овој мемориски стик. Огромниот капацитет и големата брзина на УСБ-то им овозможуваат на корисниците на заштедат време, имајќи предвид дека можат да пристапат до податоците, обработката и да префрлат апликации или фајлови, како што се HD филмови, директно од хард дискот без губење на перформансите, изјави Дејан Шкулетиќ, менаџер за развој на бизнисот за подрачјето на Србија, Црна Гора, БиХ, Хрватска и македонија во компанијата „Кингстон Технолоџи Јуроп“.
Американски медиуми објавија дека цената на овој мемориски стик ќе чини околу 2.500 долари.