По примерот на искуствата од австриското и германското законодавство за зеленило, пратеничката група на ДОМ, заедно со уште неколку пратеници од власта предложија закон за урбано зеленило. Предлог-законот е во собраниска процедура и помина неколку комисии, но речиси секогаш е меѓу последните точки на пленарните седници. Во образложението на овој предлог-закон пишува дека 25 квадратни метри по жител зеленило овозможуваат здраво и хумано живеење, што е проекција за Скопје во Генералниот урбанистички план уште од 2002 година. Но, тоа никогаш не се почитува.
Според официјалните податоци, во Скопје во 2011 година имало 12,17 зеленило на квадратен метар, односно 9,18 м²/жител (сметано на 550.000 жители во рамките на новиот плански опфат). Како проекција за 2022 година се предвидени 18,5 м²/жител, или околу 17 м²/жител според реалниот број жители. „За да се постигне ова, потребно е многу сериозна работа за подигање нови паркови, дрвореди и друг вид зеленило“, пишува во предлог-законот кој е во собраниска процедура.
Во предлог-законот е наведена обврска за изработка на зелен катастар на сите урбани површини, односно попис на целото зеленило по број, вид и состојба. Ако законот биде усвеон, при изработка на сите планови и проекти треба да се обезбеди најмалку 20% зеленило на секоја градежна парцела. Во текот на постапката за добивање одобрение за градење, надлежниот орган на инвеститорот во изводот ќе му дефинира процент на зеленило во согласност со овој закон.
Постапката за утврдување на потребата за сечење, односно кастрење оштетено дрво, како и за дрво за кое надлежната служба ќе утврди потреба за негово сечење, односно кастрење, ќе започне со барање на физичко, правно лице или по службена должност. Општината или градот Скопје должни се да донесат решение со кое ќе ја утврдат потребата за сечење, односно кастрење на оштетеното дрво, и на видливо место се обележува дека дрвото е за сечење или кастрење со црвена боја на височина од 130 сантиметри (сечење „С“ или кастрење „К“). Заштитени ќе бидат сите дрвја, како од јавните така и од приватните површини, со обем на стебло над 40 сантиметри, мерено во висина од 1,3 метри.
Најзелени се западноевропските градови со над 40% зеленило, потоа источноевропските со 15%, а најмалку зелени се балканските држави со помалку од 10% зеленило.
В. М.