Кумановската полиција до ОЈО Куманово поднесе кривична пријава против лицата А.А. (57) и М.М. (67), поради сомнение дека сториле кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ и „фалсификување исправа“.
Како што информираат од МВР, двајцата пријавени во периодот од јуни 2009 година до мај 2013 во два наврати ја злоупотребиле својата службена положба и овластувања, првопријавениот во тој период во својство на градоначалник на општина Крива Паланка, а второпријавениот во својство на тогашен директор на ДСУ „Ѓорче Петров“ од Крива Паланка, постапувајќи спротивно на заклучоците и одлуката на Владата на Република Македонија во врска со проектот за изградба на 35 спортски сали во кој што список влегла и општина Крива Паланка за финансирање на изградба на спортска сала во сопственост на општината, а на користење на средното училиште.
Имено, А.А. и М.М. на 29-ти мај 2009-та година изготвиле и потпишале лажна исправа, Договор за инвестирање во изградба на спортска сала „Петар Поп Арсов“, со Агенцијата за спорт и млади како инвеститор на проектот. Притоа, го завеле лажниот договор под три деловодни броја во три деловодника и тоа во: оној при општина Крива Паланка, во ДСУ „Ѓорче Петров“ и во Агенција за млади и спорт, а во договорот во член 7 став 1, навеле дека спортската сала наводно ќе биде изградена во дворот на ДСУ „Ѓорче Петров“ од Крива Паланка, иако таму што веќе имало изградено спортска сала.
Исто така, согласно склучениот договор, општина Крива Паланка се обврзала да го подготви теренот и да обезбеди пристапни патишта за отпочнување на изградбата, да изврши технички прием на функционалност на спортска сала, да издаде употребна дозвола и да достави до Агенцијата за млади и спорт имотен лист во кој ќе биде впишана спортската сала. Овие одредби од договорот воопшто не биле исполнети, туку спротивно на тоа, пријавениот А.А. донел и потпишал Решение за локациски услови за градба и потпишал Одобрение за изградба на спортската сала на друга локација, на катастарска парцела која дел била во сопственост на Општината, а дел во сопственост на Република Македонија и без претходно да се изврши пренамена на земјиштето од земјоделско во градежно, информираат од МВР.
По изградбата на спортската сала, двајцата пријавени по втор пат ја злоупотребиле службената положба и овластување кога прифатиле и потпишале Записник за примопредавање на спортската сала, со Агенцијата за млади и спорт. Наведувајќи притоа, дека наводно истата целосно е завршена иако не биле изведени градежни работи за доградба, реконструкција, паркинг простор, сообраќајници согласно Одобрението за градење, а што е констатирано во Записникот за извршен вонреден инспекциски надзор од страна на градежната инспекција.
Од МВР потенцираат дека со тоа била нанесена дополнителна штета на Општината, која во наредниот период треба да ги доврши овие градежни работи. Воедно, констатирано е дека новоизградената спортска сала воопшто не била внесена во катастарскиот операт за КО Крива Паланка, а имотниот лист во кој требало да биде внесена спортската сала во сопственост на Општина Крива Паланка, никогаш не бил доставен до Агенцијата за недвижности при Влада на Република Македонија.