Армијата на Мали имаше 11 убиени и над 60 ранети припадници, а еден француски офицер загина, во борбите против исламистите во градот Кона, соопшти синоќа во телевизиското обраќање до нацијата претседателот на оваа африканска земја Дионкунда Траоре, цитиран од француските медиуми.
Во петокот владините сили си ја повратија контролата врз Кона, што беше преземен од џихадистите, кои се поврзани со Ал Каеда.
Во операцијата учествуваа и француски борбени хеликоптери, што изведоа напад врз автомобилска колона на исламистите.
Француски војник беше ранет и подоцна почина од здобиените повреди.
Според извори од малиските сили за безбедност, стотина исламисти се убиени во борбите.
Според податоци на Хјуман рајтс воч, десет цивили загинале при борбите. Меѓу нив имало три деца, кои се удавиле при обидот да ја пресечат реката, барајќи спас од куршумите.
Синоќа во главниот град Бамако пристигнаа француски војници од базите во Брегот н Слоновата Коска, сооошти претставник на малиската армија. Се очекува кон нив да се приклучат и војниците кои ќе пристигнат од Франција. Изворот не можел да го прецизира бројот на пристигнати или очекувани француски војници, ниту каква ќе биде нивната мисија и каде ќе бидат стационирани.