Депонијата „Дрисла“ во 2012 година требала да добие нова печка со што ќе се замени старата која е неисправна и токсична, но тоа не се случило од непознати причини, информираше Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов на денешната прес конференција.
– Нашите претходници пред шест години планирале нова печка за согорување на медицински отпад во депонијата „Дрисла“, но печката не е набавена. За набавката постои и меница од 700 илјади евра која е нереализирана од за нас непознати причини, вели Шилегов.
Неисправната печка која Македонија ја добила како донација од британската влада пред 16 години и се уште се користи не ги исполнува безбедносните стандарди.
Градоначалникот на Град Скопје рече дека во тек е набавката на нова печка, а до тогаш ќе се користи старата на која ќе се постави нов филтер со вода со што, според него, ќе го намали бројот на токсичните честички кои излегуваат од печката.
Виктор Јованов