Државата и натаму спонзорира скапи ѕвезди и патриоти

Од:

Во јавните расправи што требаше да ја дефинираат петгодишната културната стратегија што ја усвои Министерството за култура имаше негодувања од музичарите за укинување на Законот за поддршка на домашната музичка продукција.

Најгласен беше Александар Ристовски Принц, кој, сепак, на последниот конкурс за финансирање на македонската музика, чиј носител е МРТВ, е еден од оние што ќе добијат поддршка со 9.000 евра во категоријата ѕвезди. Во ова друштво со иста висина на субвенции се и изведувачите Авни Аљији, Али Бајрам и Дарио Панковски. Оваа субвенција оди на име на авторите за по две композиции. На избраните во категоријата „ѕвезди“ им следува по 4.500 евра од кои 3.000 евра за снимање на аудиозаписот и 1.500 евра за спот.

Во образложението каде што е објавен списокот на одбиените композиции на сајтот на МРТВ, меѓу другото пишува дека голем дел од понудените композиции се одбиени бидејќи немале комплетна документација за конкурсот.

За поддршката одлучувало жирито составено од Константин Карев, претседател, потоа Бекир Алиу, Панче Илиев, Благоја Здравковски и Деан Ќурчиев. Станува збор за конкурсот од третиот квартален циклус за минатата година. Инаку, на сајтот веќе е објавен и конкурсот за првиот квартален циклус за 2018 година кој почна на 29 декември и ќе трае 90 дена.

Овој начин на субвенција на домашната музика веќе неколку месеци беше критикуван кај музичката фела, особено онаа која се занимава со рокенрол или алтернативна музика. Според нивните реакции, државата храни музика според нејасни критериуми и одлева големи средства за музичка продукција која не е квалитетна. Ги критикуваа и критериумите според кои се одржуваат конкурсите и бараа промени.

Распределбата на буџетскиот колач за култура годинава отиде во прилог на музичката дејност која доби процентуално зголемување, со причина да се зајакне овој сегмент на националната култура. Од вкупниот буџет за култура за оваа година, како трета највисока ставка се предвидени 347.000.000 денари за музичко и сценската дејност.

На конкурсот во категоријата за „афирмација на семејните вредности во општеството“ се поддржани и песните „Родно семе да остане“ и „Се враќам дома за Божик“ на извесни Кристијан Тасевски и Денис Димовски. Овој тип песни што ја возљубуваат земјат, се во посебна категорија за која според некои проценки се одлеваат и по 60.000 евра годишно.

Распределбата на средствата од конкурсите во МРТВ се и во категории за народна музика, потоа детски песни и друго. Освен спорните музички субвенции што се случуваат во јавниот сервис, под лупа се ставени и многи проекти за реализација на документарни филмови, за кои имаше неконтролирана експанзија во минатите 8 години.

А.В.

Би можело да ве интересира

Изложба на дела во Неготино од ликовни уметници од Здружението „Роднокрајци“

Промовиран преводот на македонски јазик на црковнословенскиот „Часослов“ од Јаков од Камена Река

Изложба на Стефан Анчевски насловена „„преВРЗИНО“

„Ние, луѓето“-премиера

Kонцерт на Џез триото АУМ

Битолскиот театар гостува на фестивал во Врање