Новата локална самоуправа во Охрид во пресрет на празниците го почна проектот „Од 20 до 20 – Сите во Охрид“, кој ќе трае од 20 декември до 20 јануари 2018 година. Основната интенција на оваа акција е да се опфати еден од најатрактивните периоди во текот на годината, надвор од главната туристичка сезона во Охрид. Ги опфаќа новогодишните празници, подоцна Божиќ, Стара нова година и, секако, Водици, кои се од исклучително значење за заедницата. Идејата е да се изгради манифестација што ќе носи сопствен печат, кој традиционално ќе се одржува и надградува секоја година, ќе трае полн месец и ќе ги опфати со посебна програма сите празници кои се слават во овој дел од годината, но и сите други денови.
Главниот дел од настаните ќе се одвива на посебно уредени простори во Центарот на градот, на 5 различни сцени. Една од сцените е и кај новата фонтана кај Мини маркет, со што дополнително ќе се дисперзира забавата во целиот град, кој во овој период во иднина е планирано да биде како една сцена.
Во склоп на програмата ќе имаме посебни сегменти, како „Игри без граници“, театарски дел и изложби на отворено, „Од срце за Охрид“ – посебна акција за најмладите, трки на дедомразовци, трки на келнери, ден на виното и многу други. Како една од најатрактивните содржини на овој месец на забавата во Охрид е и „Чоколадниот новогодишен свет“, посебна манифестација во склоп на главната, лоцирана на делот од „Бистро корнер“ на влезот во чаршијата до фонтаната кај чинарот. Овој дел е посебно украсен со чадори и тезги во центарот на улицата, а по започнувањето со работа ќе има и посебна бина, каде што секојдневно ќе има музика, Дедо Мраз и аниматори за најмладите.