Зачуван брендот „Вардар филм“

Од:

„Вардар филм“ ќе ја продолжи улогата на носител и промотор на македонската филмска дејност. За да го зачува овој национален бренд, Владата донесе одлука за престанок на постоењето на Филмскиот центар „Вардар филм – Скопје“, кој 13 години не функционира поради блокирана сметка, и да формира нова национална установа „Вардар филм – Македонија“.

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска ја соопшти на прес-конференција одлуката која е донесена по сеопфатна анализа за унапредување на филмската дејност. Подвлече дека е најдено решение за долгогодишната агонија на „Вардар филм“, кој бил основан во 1947 и над четири децении беше единствен македонски филмски продуцент од кој произлегоа заначајни филмски остварувања во Македонија.

– Институцијата вештачки постоеше 13 години, имаше блокирана жиро-сметка, лоша финансиска состојба и големи долгови. Жал ми е што никој не ја реши нејзината агонија во изминатиот период. Основна дејност на новата национална институција ќе биде промовирање на македонските филмови во светот, логистичка поддршка на странски продуценти за снимање филмови во Македонија…, истакна Канческа-Милевска.

Новата установа ќе посредува и за дистрибуција на македонски филмови во светот, ќе организира манифестации и форуми за афирмација на филмската култура, ќе има надлежност за собирање, грижа и управување со фундусот на костими, реквизити и сценографија од продуцираните филмови…

Продуцентските права од филмовите на „Вардар филм“ со договор ќе се пренесат на Кинотеката на Македонија, како матична установа за заштита на аудиовизуелните добра. Единаесетте вработени во „Вардар филм“, пак, по свој избор ќе бидат спогодбено преземени во Филмскиот фонд на РМ или во други институции од културата или ќе останат во новата национална установа. Од Владата има согласност за пет нови вработувања. Се очекува НУ „Вардар филм – Македонија“ да профункционира за најмногу три месеци.

Поради донесената одлука за престанок на Филмски центар „Вардар филм- Скопје“ престанува и надлежноста на Министерството за култура, така што долговите на институцијата ќе се решаваат по судска постапка.

За унапредување на филмската дејност ќе се основа и филмско студио со соодветна опрема за филмски продукции и постпродукции. Предвидено е да се примени модел на јавно-приватно партнерство, а ако нема интерес, опремата ќе биде набавена со државен буџет во рок од три години.

Ќе се пристапи и кон измени на Законот за Филмскиот фонд на Република Македонија за Фондот да има и други извори на финансирање зашто од 2006-та, кога беше формиран, тој работи само со пари од државата. Алтернативните начини за собирање средства во Фондот ќе ги дефинира работна група што е формирана за таа цел. Предложено е и со посебен закон да се поедностави привлекувањето странски продуценти да снимаат во земјава. Канческа-Милевска нагласи дека Македонија е меѓу ретките земји која има повластена политика и ниски даноци за странски филмски и ТВ-продуценти.

Би можело да ве интересира

Изложба на дела во Неготино од ликовни уметници од Здружението „Роднокрајци“

Промовиран преводот на македонски јазик на црковнословенскиот „Часослов“ од Јаков од Камена Река

Изложба на Стефан Анчевски насловена „„преВРЗИНО“

„Ние, луѓето“-премиера

Kонцерт на Џез триото АУМ

Битолскиот театар гостува на фестивал во Врање