Денеска во прво читање поддршка од Собранието добија предлог-законот за амнестија и предложените измени на Законот за административни службеници.
Заменик-министерот за правда Оливер Ристовски образложи дека со Предлог-законот за амнестија треба да бидат ослободени од издржување казна затвор приближно 670 правосилно осудени лица на затвор до шест месеци, а за 3.097 лица да биде намалена казната за 30 проценти.
При подготувањето на законот во предвид биле земени условите во казнено-поправните установи како институции кои треба да овозможат и обезбедат успешна ресоцијализација на осуденичката популација. Ристоски посочи дека тие се пренатрупани, условите се оценети како нехумани, а опасноста од криминална инфекција е реална.
Пратеничката од ДУИ Мирсада Емине-Асани рече дека го поддржуваат законот, потенцирајќи дека со него, меѓу останатото, ќе се оствари и заштеда на буџетски средства кои би се искористиле за подобрување на условите во казнено-поправните домови.
Како што наведе Ристовски, со предложениот текст на законот не се предвидува амнестија за лица правосилно осудени на казна доживотен затвор, како и за сторители на кривично дело убиство од член 123 од Кривичниот законик, кривични дела против избори и гласање (член 158-165-в) од Кривичниот законик…
Со предложените измени на законот за административни службеници, пак, се овозможува проверката на знаењето за познавање странски јазик при вработување во администрацијата да биде на товар на државата и да се укинат казните од оценувањето во јавната администрација, којшто, според ресорниот министер Дамјан Манчевски, бил еден од механизмите што многу често се користел за политички притисоци.
– Со ова праќаме порака дека притисоците во администрацијта се завршени и оти апсолутно немаме намера да се занимаваме со политички реваншизам, рече Манчевски.
На седницата беа усвоени во прво читање и предлог измени на законите за управната инспекција, за инспекциски надзор, за основање државна комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, за архивски материјал, за електронските комуникации, за основање македонска истражувачка академска мрежа…
За прифатливи беа оценети и предлог-законите за изменување на зааконите за култура, за заштита на културното наследство и за филмската дејност, по што претседателот на Собранието Талат Џафери ја прекина работата по 27. седница. Продолжението ќе биде дополнително закажано.