Кристина, Тамара, Некст Тајм и Ај Кју ќе ги забавуваат центарци, но и сите жители на Скопје и добронамерници на хуманитарната новогодишна забава.
Под мотото „Нова година – Нови насмевки“, општина Центар и годинава на 30-ти и 31-ви декември, на Сквер Јадран нуди богата програма за децата, повозрасните и младите.
„Среќен сум што како градоначалник успеавме со донации да понудиме богата програма за сите жители од 7 до 77 години. Прославата ќе има хуманитарен карактер. Затоа, ги повикувам сите, во убава атмосфера да си посакаме среќа и радост во новата 2018-та година, но и да ја покажеме својата хуманост, донирајќи за 16-годишно момче кому му треба итна операција за пресадување на коскена срцевина во Италија“, рече градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ.
Во 12 часот, на 30-ти декември предвидена е детска програма, а во 16 часот, “Улица ‘Новогодишни желби бр.2018’“, ќе биде место на потсетување на добро познатото скопско корзо. Од 20 часот започнува музичката програма со ДЈ Гоце Саф, ТХЦФ од Белград и ДЈ Страјк.
Во последниот ден од 2017-та година, во 12 часот на Сквер Јадран ќе биде организиран новогодишен турнир во шах, а од 21 часот започнува забавата со Некст Тајм, Ај Кју, Тамара и Кристина Арнаудова.