Наставници и професори, општинската администрација и активисти во граѓанскиот сектор земаа учество на Валоризационата конференција одржана во Скопје како дел од циклусот на промотивни активности за програмата „Еразмус плус“ во организација на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност во Македонија.
На оваа конференција свое учество земаа Лидија Димова, директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, како и Гоце Величковски и Дејан Златковски, претставници на Агенцијата кои ја претставија програмата на Европската комисија во делот на образованието, обуката и младите, „Еразмус плус 2014-2020“, како и иницијативите на ЕУ, „Еуропас“ и „Евридика“.
Директорката Димова истакна дека најдобар показател на успешното усогласување со националните приоритети се успешните проекти кои на денешната конференција беа претставени.
Во годините што се пред нас, Националната агенција ќе продолжи да биде столбот на имплементацијата на Еразмус+ програмата и ќе ги поддржува сите сегменти на образованието, обуката, младите и спортот во нивните напори за што порамноправно учество во европските текови. Во соработка со Министерството за образование и наука ќе се дефинираат приоритетните области на поддршка секоја година, со што ќе се придонесе зa оптимално користење на средствата од Европската Унија за поддршка на меѓународната соработка-истакнаа од Националната агенција.
Програмата Еразмус+ цели кон зголемување на знаењето и професионалните способности, а воедно ја подржува модернизацијата во овие области, пропорционално на тоа нуди можности за аплицирање во различни акции достапни за студенти, ученици,младински работници, професори, наставници, како и останати лица активни во областите кои ги поддржуваат образованието, обуката, младите и спортот-посочија од на Националната агенција.
Сите учесници на денешната трибина беа охрабрени да земат директно учество во трите клучни акции наменети за учењето преку индивидуални мобилности, соработка за иновација и размена на добри практики, како и поддршка на реформата на политиките кои ги покриваат сите типови на активности. Токму, програмите се со цел учесниците да се стекнат со искуства од своите врсници и колеги од цела Европа.
Како програма, „Еразмус плус“ им нуди на заинтересираните да партиципираат во друга програмска држава за учење, работа, предавања воедно да обучуваат или развиваат професионални вештини и компетенции, но и да развиваат билатерални и мултилатерални партнерства, зависно од секторот. Програмата претставува комбинација од 7 европски образовни програми, програми за обука и млади, и за прв пат во својата структура го додава спортот.
Вкупниот буџет за ЕРАЗМУС+ изнесува 14.7 милијарди евра, зголемувајќи го претходно постоечкиот буџет за сите програми за 40%. Нуди зголемени можности за учење во странство за ученици и наставен кадар. Грантираните проекти ќе обезбедат обука за приближно 4 милиони лица и 125.000 организации.
На присутните им беа презентирани фазите на одлучување-процедура за селекција на апликации, како и трите клучни акции од програмата Еразмус +.