На свечена промоција во присуство на бројни гости, традиционално и годинава, беа доделени десетте признанија за Македонски квалитет за 2017 година на националните економските амбасадори.
Признанијата ги доделија претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, претседателот на Сојуз на стопански комори на Македонија (ССК) Данела Арсовска како и претседателите на секторските комори во Сојузот.
Добитници на Признанијата се: ФХ3Х, Чеза Комерц, Конто Профит, Процес Ин, Вработување.ком, Пост Експрес Македонија, Агроунија, Антариас, ПЗУ Поликлиника Тоспаш и Женскиот младински хор при МКЦ.
Комисијата составена од членови на Кабинетот на Претседателот на Република Македонија, согласно прецизно воспоставени критериуми, внимателно ги селектираше македонските претставници кои имаат традиција во создавање на македонски бизнис идентитет.
„Македонските инвеститори се економски амбасадори кои успешно го промовираат македонскиот квалитет. Изминатата година имаше бројни предизвици за приватниот сектор. Сакаме да веруваме дека пред нас е година на интернационализација на македонскиот квалитет ширум светот, на можност за инвестиции во човечки ресурси, модерни технологии и напредни процеси неопходни за општествен и економски развој. Растотот на домашните инвеститори во поволен амбиент, значи раст на вкупната економија “, изјави Арсовска и додаде дека Сојузот ги следи и е горд на успесите и достигнувањата на компаниите членови и токму затоа Признанијата за Македонски Квалитет се стимул за иднина.
По свеченото доделување на признанијата на коктел церемонијата присуствуваа стопанственици, претставници на институции, дипломатскиот кор, новинари. Оваа престижна манифестација која е под покровителство на Кабинетот на Претседателот на Република Македонија, се одржува секоја година во знакот на оддавање признание и промовирање на деловните успеси на македонските инвеститори за тековната година при што се доделуваат 10 признанија за Македонски квалитет 2017г .
Сојузот на стопански комори на Македонија е водечка македонска деловна мрежа со повеќе од 23.000 членови, годинава покрај корпорацијата Google Inc единствен прогласен „Шампион за мал бизнис“, од Светската трговска организација . Овој голем успех за сите нас и за Република Македонија значи нова можност за зголемување на трговијата на меѓународно ниво.