Во пресрет на донесувањето на Буџетот за 2018-та година, градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев се сретна со претставници од Националниот младински совет на Македонија (НМСМ), најголемото претставничко тело на младите во нашата држава.
Целта на оваа работна средба , но и стратешки пристап на Општината е преку младинско учество и младински активизам да се дојде до поквалитетни политики за млади во 2018-та година во Општина Карпош.
На денешниот состанок се разменија предлог проекти кои можат да бидат вметнати во дел од буџетските програми за следната година.
Од двата партнери во дискусијата беше истакната потребата од постоење на функционален локален младински совет кој на вистински начин ќе ги претставува интересите на младите луѓе на територија на Карпош.
– Целта е Локалниот младински совет да прерасне во вистинско претставничко тело на младите. На овој начин ќе се зајакне и капацитетот на самиот Совет на Општината, бидејќи ова тело ќе располага со активни, капацитетни и креативни млади луѓе кои се стремат кон подобра локална заедница, потенцираше Богоев.
Претседателот на НМСМ, Блажен Малески ја потенцираше важноста од системска поддршка на Локалниот младински совет што подразбира соработка со општинските служби, со Советот на Општината, со јасни критериуми за членство во Младинскиот совет и со изработка на програма со активности.
На средбата се разговараше и за креирање на младинска стратегија на територија на Карпош со која ќе се лоцираат најгорливите младински проблеми и ќе се понудат одржливи решенија донесени низ процес на партиципативност.
Здравите навики кај младите ќе се развиваат и преку проекти од областа на спортот, како изградба на фитнес зони, базен и спортско – рекреативни центри во училишните дворови.
Градоначалникот Богоев и претставниците од НМСМ договорија континуирана соработка и меѓусебна поддршка која ќе резултира со успешни проекти и активности за младите во Карпош.