Најдоцна до утре ќе бидат обезбедени дел од потребните финансиски средства за покривање на загубите за патнички сообраќај во „МЖ Транспорт“, во насока на надминување на целокупната состојба. Ваков е заклучокот од средбата што ја оствариле вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, и министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, со менаџерскиот тим на „МЖ Транспорт„ и претставници на штрајкувачкиот одбор.
На средбата се разговарало за актуелната состојба во која се наоѓа претпријатието и деблокада на железничкиот систем во Република Македонија.
Министерството за транспорт апелира до менаџерскиот тим и синдикалните организации да изнајдат решенија во најбрз можен рок за да се овозможи непречено одвивање на железничкиот сообраќај.
„Министерството за транспорт и врски во рамките на своите надлежности и понатаму ќе продолжи со исплата на средства на име на трансфери и субвенции кон ‘Железница’, но потребно е да се создадат услови за нормално функционирање на железничкиот систем“, велат од надлежното министерство и додаваат дека во случај на продолжување на блокада на железничкиот сообраќај ќе се доведе во прашање исплатата на заостанатите плати за сите вработени во железничките претпријатија.