Обвинетите во предметот „Транспортер“ денеска не сакаа да бидат снимени во судницата во кривичниот суд. Со ова продолжува праксата адвокатите на обвинетите во предметите на специјалното јавно обвинителство да бараат од Судот на новинарските екипи да не им се дозволи да направат видео-инсерти од почетокот на судењата.
Обвинетите, пак, побараа визулено и тонско снимање на судењето и ги побараа доказите во писмена форма иако претходно ги добиле електронски листите на докази. Одбраната го бара и ЦД-то со бомбите бидејќи без него не била возможна одбраната. Адвокатката Сања Алексиќ рече дека обвинетите веќе еднаш биле снимени на едно од претходните две рочишта. Судијката Лидија Петровска им го одобри барањето и не дозволи снимање.
Според Законот за кривична постапка доколку новинарските екипи имаат добиено дозвола за снимање од Врховниот суд, судијата може само да го ограничи снимањето на судењето, но не и да не дозволи снимање. Судот забрани снимање во судницата и на судењето за предметот „Тотал“ во кој е обвинет Драган Павловиќ-Латас, како и на сите судења во кои е обвинет лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.
Во предметот „Трансрпотер“ на поранешниот градоначалник на Битола, Владимир Талески, и на уште 20-тина лица им се суди за злоупотреба на службената положба во врска со организирањето превоз на ученици во Битола, со што е направена злоупотреба на околу 360.000 евра.
В.М.