Денеска во Битола се одржа презентација на проектот „Граѓански мониторинг на Народниот правобранител“ на која што организаторите кажаа дека граѓаните не се доволно запознати со надлежностите на Народниот правобранител и затоа потребна е поголема промоција и отвореност на таа институција.
– Народниот правобранител е клучна независна институција што ги штити правата на граѓаните и затоа ја промовираме неговата работа и надлежности. Народниот правобранител секогаш треба да биде близок до граѓаните, посочи Билјана Бејкова, извршен директор на НВО Инфоцентар-Скопје.
Директорката на Хелсиншкиот комитет, Уранија Пировска истакна дека Законот за Народен правобранител во голема мера го унапредил неговиот статус и можности за дејствување, но дека сепак недостига реална волја од државата да му се овозможи да ги остварува своите надлежности.
– Потребна е поголема финансиска незвисност, а таква нема и затоа речиси секогаш зависи од државата. Во развиените демократии омбудсманите поинаку се избираат и нивниот статус во општеството во смисла на одделеност од државните институции е јасна и со посебен буџет. Во овој момент Народниот правобранител зависи од државниот буџет и своите потреби може да ги креира соодветно на тоа што државата му го овозможува што со други зборови значи дека не е соодветно на независна институција, посочи Пировска.