Претседателот на Комисијата за европски прашања, Артан Груби за предлог-законот за употреба на јазици вели дека седниците доцнеле бидејќи имало поприоритетни закони кои требало да бидат донесени. Тој рече дека иако сите членови на комисијата и Владата биле известени, сепак, денеска отсуствувале претставници од Министерството за правда. Тој вели дека роковите за дебата и за донесување на законот почнале до сега, бидејќи денеска беше усвоен дневниот ред на комисијата.
„Јас очекувам дека пратениците на ВМРО-ДМНЕ ќе дојдат да ги образложат своите амандмани и на крај да гласаат за усвојувањето на законот, а да ги повлечат амандманите. Тие не известиле дека ќе го бојкотираат Собранието, а со тоа очекувам да се појават. Тие потпишаа мировен договор и тие треба да потпишат за усвојување на Законот. Усвојувањето на пленарна седница може да почека по 23 декември, бидејќи динамиката на Собранието е веќе закажана”, рече Груби.
Тој вели дека не е важно кога ќе се гласа за овој закон, туку важно е дека очекува ВМРО-ДПМНЕ да гласа за усвојување.
За законот се поднесени вкупно 90 амандмани, а Груби верува дека дебатата ќе биде исцрпена за по Нова година да биде изгласан Законот.
„Јавноста е најдобро запознаена што содржи овој закон. Не го загрозува унитарниот карактер на државата и на уставниот поредок. Политичките претставници на Македонците не треба да ги заплашуваат граѓаните. Законот мора да биде усвоен и во таа форма треба да биде испратен во Венецијанската комисија. Што се однесува членот 8, тој е тргнат. Таму беа банкнотите, униформите и хартиите од вредност”, додава Груби.
Од денес почнуваат да течат роковите за дебата кои се предвидени со деловникот, но нема датум за селдна седница на комисијата. На новинарско прашање дали ова е злоупотреба на деловникот за работа на Собранието, Груби не одговори конкретно, но го негираше истото.
К. Ландов