Со Хуманитарен турнир во ракомет и фудбал „Сите играме за Јане“ Градот Охрид ќе се вклучи во активностите за подигнување на свеста за постоењето ретки болести и поддршка за внесување на лекот „Спинраза“ во регистарот лекови за ретки болести.
Спортско-културната манифестација ќе се одржи задутре во спортската сала „Билјанини извори“ во Охрид со почеток од 11:30, со цел да му се помогне на деветгодишниот Јане Велковски од Скопје, кој е едно од ретките деца кои боледуваат од спинална мускулна атрофија.
Во знак на поддршка на Јане ревијално ќе играат млади фудбалери и ракометари од Охрид, но и претставници на Локалната самоуправа, политичари, уметници, спортисти и други јавни личности.
Во рамки на забавната и музичка програма ќе настапат Ѓоко Танески, Камелеон, Петар Маркоски, а своја точка и придонес во оваа хумана мисија ќе дадат и танчерите од Студиото за танц „Соната“ од Охрид.