Првиот примерок од новиот и досега најмоќниот модел на Бе-Ем-Ве – „петката” се симна од фабричките ленти во градот Динголфинг во јужна Германија.
Автомобилот М-5 е опремен со 4,4-литарски М-Твинпауер Турбо В-8 мотор кој произведува 600 коњски сили (441 киловат) моќност, додека пак, максималниот вртлив момент е 750 њутнметри.
Околу перформансите, возилото развива брзина до 100 километри на час за само 3,4 секунди. За забрзување до 200 километри на час пак, му се потребни 11,1 секунди.
Стандардната испорака е со електронски ограничена максимална брзина од 250 километри на час, но тој лимит може да се подигне и на 305 километри на час, по желба на купувачот.
Што се однесува до каросеријата, хаубата е изработена од алуминиум, а покривот е од пластика комбинирана со јагленородни влакна.
„Бе-Ем-Ве М-5“ светската премиера ја имаше на Авто-салонот во Франкфурт во септември годинава, а првите примероци се наменети за клиентите од европскиот пазар. Во Германија, возилото чини 117.900 евра, а првите испораки е предвидено да стигнат во март 2018. Освен на домашниот пазар, „петката“ ќе се појави и во продажните салони во Велика Британија и САД.