Денеска започна дводневната голема акција на чистење во Општина Карпош. Акцијата ќе се спроведе денеска и во сабота. Истата ја иницираше, и е во соработка со Градот Скопје, и сите јавни претпријатија кои се под негова ингеренција.
Со севкупна механизација, и значителни човечки ресурси од Градот и Општината, на пет локации низ локалната самоуправа, ќе се расчистува шутот, т.н мини депонии, сметот и лисјата.
Градоначалникот на Општина Карпош Стефан Богоев истакна дека со оваа акција значително ќе се исчисти ѓубрето од мини депониите кои се создадени на територијата на локалната самоуправа, од несовесни граѓани.
– Очекувам и во иднина, заедно со Градот Скопје и јавните претпријатија кои се под негова надлежност, да имаме координирана соработка со која ќе ја чистиме Општината, ќе работиме на санација на улиците, ќе засадуваме садници и дрвја . На пролет одново ќе има ваква нова сеопфатна акција, која се надевам ќе биде со уште поголем успех, потенцираше Богоев.
Станува збор за расчистување на локацијата позади етноресторанот „Македонска куќа“ ( кај контејнерите), под мостот Газела , од страната на населеното место Злокуќани, мостот кај вливот на Лепенец во Вардар, во Жданец, на ул. Теодосиј Синаитски, каде што ќе се отстрануваат камења и шут, како и каналот за одвод на атмосферски води меѓу Трнодол и Жданец.
Во акцијата на чистење на Карпош ќе се вклучат ЈП „ Паркови и зеленило“, со шест специјализирани возила, кои ќе помогнат во транспортот на лисјата. ЈП „ Улици и патишта“, ќе работат на крпење на ударните дупки, како по големите градски улици, така на станбените и сервисните улици во Општина Карпош. ЈП „ Градски паркинзи“ ќе работи на расчистување на нивните паркиралишта на територија на Карпош, односно двете кај болницата „ 8 Септември“ ( поранешна Воена болница) и кај тенискиот клуб „ АБЦ“. ЈП „ Водовод и канализација“ ќе работат на расчистување на сливниците, а ќе помогнат и во транспортот на собраните лисја.