Развоен и домаќински буџет, според потребите на современото живеење, но и според желбите и интересите на жителите на општина Центар.
Вака ќе се планира и носи буџетот на општина Центар за 2018-та година. Токму затоа беше организирана првата сесија на буџетскиот форум од страна на Центарот на заедницата на општина Центар и општина Центар.
Концептот „Општина по мерка на граѓаните“ ќе биде почитуван и при кроењето на тежината и трошењето на општинската каса.
„Отвореноста е суштина на квалитетна и транспарентна општина. ДУП-овите кои ќе ги носиме ќе гарантираат квалитетни услови за живеење, а на максимално ниво ќе биде подигната безбедноста. Граѓаните се добредојдени со своите предлози и ќе можат да одлучуваат за се што се случува во локалната самоуправа. Ние, советниците јавно ќе ги објавиме нашите mail адреси за да можат граѓаните директно да комуницираат со нас“, рече претседателот на Советот на општина Центар, Јана Белчева Андрееска.
Раководителот на Секторот за финансии, Мира Чановиќ-Петровска, направи презентација за извршувањето на буџетот за 2017-та година, а градоначалникот Саша Богдановиќ говореше за развојните планови, програми и политики на општината за наредната година.
Богдановиќ, пред бројните присутни граѓани и претставници на НВО секторот, потсети на пречките кои општината ги имаше со централната власт, а особено со барокното лудило кое се реализираше во Центар и со демолирањето на општината. Во наредниот период, преку новодонесените ДУП-ови некои работи ќе се вратат во нормала и како што вети, ќе се гради според потребите на граѓаните.
„Со квалитетни ДУП-ови ќе успееме да имаме прилив, но не по секоја цена. Ќе се заложиме средствата наменети за налудничавиот проект ’Скопје 2014’ да ги добиеме и да ги искористиме за многу по-потребни и покорисни работи за центарци, како што се училишта, градинки, зеленило и за социјални потреби“, рече Богдановиќ.
Градоначалникот нагласи дека особена грижа во општината се води за најмладите, па така ќе се догради основното училиште „Гоце Делчев“, со што ќе се зголеми капацитетот на +140 ученици, а ќе се добие на квалитет. Сите училишта и градинки на територијата на општина Центар ќе бидат реконструирани, а децата ќе ги добијат најдобрите услови за престој, образование, воспитување и учење. Дел од средствата ќе бидат добиени од грантови и донации. И во наредниот период продолжува фасадирањето на зградите, со тоа што тие ќе добијат енергетски ефикасни фасади и голема заштеда, ќе се субвенционира поправањето на крововите, за што се прават напори за добивање грант.
Богдановиќ вети дека во оние места како Маџир Маало, Крњево и Кале, каде е неопходна интервенција ќе се направи реконструкција, во општината ќе бидат поставени штедливи светилки, а соодветни средства ќе бидат поделени за развој на спортот, културата, возрасните и младите. Ќе се решава и проблемот со паркирањето. Богдановиќ рече и дека ќе се работи да се тргне Градскиот паркинг од центарските улици, ЈП “ПОЦ“ да обавува и комунални дејности, а онаму каде што е неопходно ќе се поставуваат и монтажни паркинзи.
Граѓаните и невладините организации активно дискутираа со своите предлози за приоритетни проекти кои треба, доколку се издржани, да влезат во програмите и буџетот на општина Центар за 2018-та година.